Поранешната принцеза на Катар пронајдена мртва

2

Поранешната принцеза од Катар е пронајдена мртва во својот дом во Марбела.

Касија Галанио (45) беше трета сопруга на милијардерот Абделазиз бин Калифа Ал Тани (73), вујко на сегашниот емир на Катар.

Касија тврдеше дека нејзиниот поранешен сопруг, поранешниот министер за нафта и финансии на Катар, кој беше најстар син на претходниот емир Калифа бин Ал Тани, сексуално злоупотребувал една од нивните три ќерки.

Тој ги негираше обвинувањата, пренесува „Дејли мејл“.

Галанио, која водеше раскошен начин на живот, одеше на забави на познати личности и присуствуваше на екстравагантната венчавка на Софија Вергара со Џо Манганиел во 2015 година, беше пронајдена мртва во неделата наутро во Шпанија по сомневање за предозирање со дрога.

Според Ле Парисен, шпанската полиција го пронашла нејзиното тело во кревет без знаци на физичко насилство.

Пронајдена е откако нејзината најмлада ќерка од Париз ја известила шпанската полиција дека со денови не може да стапи во контакт со мајка си.

„Ел Паис“ пренесува дека чуварот ѝ дозволил на полицијата да влезе во нејзиниот стан во неделата околу осум часот наутро.

Галанио неодамна помина неколку месеци во болница, а медиумите објавија дека доживеала нервен слом.

Поранешниот кралски пар веќе 15 години е сред жестока битка за старателство над децата.

Двојката има близнаци (17) кои првично живееле со својот татко, пред да решат да се преселат со мајка им во Марбела.

Тие имаат уште една ќерка, која има 15 години и сè уште живее со нејзиниот татко во луксузен стан во Париз, каде што тој беше протеран по државниот удар што го предводеше неговиот полубрат Хамад бин Калифа Ал Тани во 1995 година.

Галанио, која е по потекло од Полска, пораснала во Лос Анџелес и го запознала својот поранешен сопруг кога имала 19 години. Тие се венчаа во 2004 година.

Ќе биде извршена обдукција за да се утврди точната причина за смртта на поранешната принцеза од Катар, пренесуваат медиумите.