Постигнат е договор: Ракитиќ оди во Интер

6

Иван Ракитиќ во последно време почесто добива шанса во првиот тим на Барселона, но тоа не значи дека каталонскиот гигант планира да го задржи Хрватот до крајот на сезонава. Напротив, Барса на тој начин се грижи цената на Ракитиќ да не падне дополнително во пресрет на јануарскиот преоден рок, а според последните информации веќе е договорена и продажбата на овој одличен играч за врска, и тоа во редовите на Интер.

Каталонскиот весник „Спорт“ тврди дека последниот состанок на двата европски гиганти конечно вродил со плод. Претходно, Барса бараше 30 милиони евра, а Интер инсистираше на позајмица, со задолжителна клаузула за откуп во јуни 2020 година. Според каталонските медиуми, двете страни на крајот нашле заеднички јазик, но деталите од договорот нема да бидат обелоденети во јавноста до крајот на месецов.

Нема сомнеж дека Ракитиќ би бил огромно засилување за тимот на Антонио Конте, кој води во трката за скудетото со Јувентус, со два бода предност во однос на „старата дама“. Ангажманот на Ракитиќ би значел и прекин на преговорите меѓу двата клуба за Артуро Видал, уште еден фудбалер кој се наоѓаше на листата со желби на Конте.