Потврден доживотниот затвор за турскиот милијардер кој сакал да го урне Ердоган

14

 

Суд во Истанбул ја потврди во жалбената постапка пресудата доживотен затвор за турскиот милијардер Осман Кавала, обвинет за обид за уривање на владата, јавива државната агенција Анадолу. Судиите воедно ја потврдија и 18 годишната затворска казна одредена кон крајот на април на седуммина негови сообвинети.

Кавала, 65-годишен претприемач и филантроп, осуден за „обид за уривање на владата“ на Реџеп Таип Ердоган преку финансирање на антивладините протести во 2013, познати како „движење Гези“, а седумте негови сообвинети поради тоа што му помагале. На пресудата е можна жалба до турскиот врховен суд.

Кавала беше уапсен кон крајот на 2017 и за време на судењето предупредуваше дека е жртва на „правно убиство“, што поттикна сериозни тензии меѓу Анкара и западните влади кои се мобилизираа во негова корист.

Тројцата адвокати на Осман Кавала ги истакнуваа во неговата одбрана недостигот од докази и вмешаноста на власта во маратонското политичко судење.

Доживотната казна на милијардерот вклучува безбедносна клаузула која исклучува секакво намалување на казната. Лидерите на Советот на Европа од тогаш повеќе пати ја повикаа Турција веднаш да го ослободи Кавала, по одлуката според која Анкара ја прекршила Европската конвенција за човекови права.

Соединетите Американски Држави вчера изразија „крајна загриженост“ поради одлуката на турскиот суд.

„Неговото неоправдано осудување е неспоиво со почитувањето на човековите права и со владеењето на правото. Повторно ја повикуваме Турција да го ослободи Осман Кавала. Турскиот народ заслужува да ужива човекови права и основни слободи без страв од одмазда“, соопшти американскиот Стејт департмент.