Од денеска во земјава почнува вакцинацијата со руската вакцина „Спутник В“. Вакцинацијата ќе се одвива во поликлиниката „Јане Сандански“ во скопски Аеродром каде вакциналните пунктови ќе работат во две смени од 8 до 20 часот, од понеделник до сабота.
Со првите 3 000 дози од „Спутник В“ кој пристигаа ќе се вакцинираат здравствените работници, иако првично беше планирано со нив да почне имунизацијата на постарите лица односно сместените во старинските домови или кадарот кој работи таму.
„Поради проширувањето на ковид капацитетите и актуелната состојба, вакцинацијата продолжува со здравствените работници кои се под висок ризик за добивање ковид инфекција, од сите институции во државата“, рекоа вчера од Министерството за здравство.
Вторите дози од овие вакцини треба да пристигнат најдоцна за три недели што е обврска која ја презела руската компанија.
Од денеска, но во поликлиниката „Букурешт“ во Карпош, пак, ќе почне и ревакцинацијата со вакцината на „Фајзер“ од која земјата доби 8 000 дози како донација од Србија.
До крајот на месецот, според најавите, треба да пристигне и првата пратка од 21 060 дози вакцини договорени директно со компанијата „Фајзер“.