Почнува судењето за убиството на Флојд, судијата три недели ќе ја избира поротата

7

Адвокатите на Шовин се очекува да го оспорат изборот на поротници кои го поддржуваат анти-институционалното расистичко движење во американскиот правосуден систем.

Судењето на поранешниот полицаец во Минеаполис Дерек Шовин околу смртта на Џорџ Флојд започнува денеска во Минеаполис со комплексен процес на избор на поротата.

Судијата одвои само три недели да избере поротници, знаејќи за потенцијалните потешкотии во наоѓањето на непристрасни жители на Минеаполис во случајот што ја подели државата и чија жртва Џорџ Флојд стана меѓународен симбол на борбата за расна правда.

Прашалник до потенцијалните поротници

Судот минатата година испрати прашалник на 16 страници до потенцијалните поротници, испитувајќи го нивното знаење за смртта на Флојд на 25 мај минатата година, по апсењето пред продавница.

Прашалникот содржи прашања како што се „дали ги видовте снимките од неговата смрт“, „дали учествувавте во протестите што следуваа?“ или „што мислите за движењето „Црните животи се важни“.

Смртта на Флојд е снимена на мобилен телефон од минувач, а на снимката се гледа како Шовин со колено го притиска вратот на Флојд скоро девет минути, додека 46-годишникот вели дека не може да дише.

Снимката се рашири на Интернет за неколку часа и доведе до еден од најмасовните протести во американската историја.

Се очекува реакција на одбраната

Адвокатите на Шовин се очекува да го оспорат изборот на поротници кои го поддржуваат анти-институционалното расистичко движење во американскиот правосуден систем.

Одбраната на Шовин петнаесет пати може да го отфрли изборот на поротник без да даде причина, а обвинителите може да го сторат тоа девет пати. Ако која било од страните се сомнева дека член на поротата е разрешен поради раса, етничка припадност или пол, тие можат да побараат од судијата да се произнесе поинаку.

Дел од судските експерти се загрижени дека нема да има црнци меѓу последните 12 поротници и четири замени и дека ова може да ја наруши довербата на јавноста во идната пресуда. Околу една петтина од жителите на Минеаполис се црни.

– Потребно ни е жири кое претставува спектар на ставови и мислења и демографски карактеристики на нашата заедница – рече Валери Ханс, професор по право на Универзитетот Корнел.

– Треба да бидат вклучени и луѓе кои можеби биле на протест и имаат различни ставови во врска со поврзани прашања – додава тој.

На Шовин му се заканува затворска казна од 40 години

На Шовин му се заканува затворска казна од 40 години, а од страв од протести ќе му се суди во добро заштитена судница. Неговите адвокати тврдат дека тој ги користел методите што ги научил на обука во справувањето со Флојд.

Флојд беше уапсен под сомнение дека користел фалсификувана банкнота од 20 долари. Аутопсијата покажа дека неговата смрт е делумно предизвикана од полицијата, но и дека тој го употребил опијатот фентанил непосредно пред трагедијата, поради што адвокатите на Шовин тврдат дека смртта е резултат на предозирање, пишува „Ројтерс“.