По кратко затишје, нови протести во Хонг Конг (ВИДЕО)

9

Продемократските демонстранти се вратија на улиците на Хонг Конг по краткиот период на смиреност во протестите, кои траат скоро шест месеци.

Голем број граѓани учествуваа на еден од трите собири што денеска ги одобрија властите, а овие митинзи беа тест за властите и за демонстрантите една недела по локалните избори, на кои убедливо победи продемократската страна, на која Пекинг и локалните власти одбиваат да ѝ направат какви било нови отстапки.

Еден демонстрант за Франс прес рече дека сака да испрати порака до владата дека протестите не се завршени. Тој учествуваше на маршот што води кон американскиот конзулат каде што демонстрантите сакаат да му се заблагодарат на Вашингтон за поддршката на протестите.

Демонстрантите носеа знамиња на САД и апелираа до американскиот претседател Доналд Трамп, сакаат да им се заблагодарат на Американците што донеле закон со кој им се закануваат санкции на властите во Хонг Конг и на кинеските власти доколку ги нарушат човековите права во градот.

Покрај маршот кон Амбасадата на САД, попладнето по локално време почна втор собир, во трговскиот округ Тим Ша Цуи, а организаторите преку форумите на интернет ги повикаа насобраните да бидат воздржани.

Целта на собирот е да ги потсети властите во Пекинг и Хонг Конг на барањата на продемократското движење, меѓу кои е и воспоставување вистинско демократско општо право на глас и спроведување независни истраги за полициското насилство врз демонстрантите.

Полицијата во опрема за сузбивање демонстрации излезе во голем број на овој собир, каде што има најголеми шанси да избувне насилство, вели АП.

Демонстрантите сакаат да го задржат притисокот врз шефицата на владата Кери Лам по големата победа на продемократските кандидати на локалните избори пред една недела. Лам рече дека ќе го забрза дијалогот, но од изборите не направи никакви отстапки.

Утрово, деца и постари лица се собраа на трет протест, кој се одржа без инциденти.