По Македонија, ЕУ ја отстрани и Србија од зелената листа на земји за патување

17

Додека експертите во Србија велат дека делта сојот е во полн ек и дека допрва следи нов удар, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на состанокот во Брисел одобрија отстранување на Србија од листата на земји безбедни за патување преку надворешните граници на Шенген, соопшти РТС.

Списокот, кој се ажурира на секои две недели од амбасадорите на ЕУ, е препорака за земјите – членки при одлучувањето за кои трети земји ќе бидат отворени нивните граници, односно чии граѓани и патници нема да подлежат на рестриктивни мерки.

Оваа одлука треба да биде формализирана до крајот на неделата од Советот на ЕУ.

Граѓаните на тие трети земји, вклучително и Србија, кои не се на списокот, не се и автоматски блокирани за патување во ЕУ.

Секој што има државјанство или дозвола за престој во ЕУ, членовите на нивните семејства и оние кои имаат валидна причина за патување и понатаму ќе им биде дозволено да патуваат во Шенген зоната.

За тоа време, бројот на заразени лица во Србија расте, вчера беа евидентирани 5.633 нови заболени и 24 починати, а експертите имаат песимистички прогнози, јави дописникот на МИА од Белград.

Бранислав Тодоровиќ, епидемиолог и член на Владиниот кризен штаб за сузбивање на коронавирусот, процени дека бројот на заразени лица ќе продолжи да расте и дека дневно ќе има до 7.000 новозаразени лица.

– Сега Германците не отстранија од списокот, за нив ние сме ризична земја, Кипар започна пред неколку дена, а се поради овие податоци. Граѓаните требаше порано да разберат во каква ситуација се наоѓаме, изјави Тиодоровиќ за Блиц.

Докторката Славица Плавшиќ, специјалист за белодробни заболувања и член на Советот на здружението Обединети против Ковид (УПК), изјави за Н1 дека „треба итно да се забранат сите јавни собири пред да биде предоцна, бидејќи Србија е во период на експоненцијален раст на бројот на заразени лица“.

– Ништо нема да значи воведувањето ковид пропусници, бидејќи тоа не се спроведува како треба. Никој не гледа во лични карти, така што дваесет луѓе можат да влезат со една ковид пропусница, додека за приватни забави тоа не е изводливо, рече Плавшиќ.

Пензионираниот професор на Медицинскиот факултет Слободан Маринковиќ оцени дека новиот бран на коронавирус ќе биде „страшен“, бидејќи голем број луѓе не се вакцинирани.

– Без 80 отсто вакцинирани, со овој вид на делта сојот што сега владее, епидемијата ќе трае со години, оцени тој за весникот „Нова“.