Празнично снежно невреме: Во САД откажани 800 летови, додека 7.000 биле одложени (ВИДЕО)

7

Милион луѓе во североистокот во САД, вклучувајќи ги и оние кои се обиделе да се вратат дома по продолжениот празничен викенд и Денот на благодарност, се соочиле со првото значително силно невреме оваа сезона, заради кое ширум државата се откажани стотина летови, а голем број од патиштата се затворени.

Невремето, кое започнало на западниот брег неколку дена пред Денот на благодарност, ќе трае до вторник, велат метеоролозите, пренесува Њујорк тајмс.

Според порталот „FlightAware“, откажани биле 800 летови во САД, додека повеќе од 7.100 летови се одложени или доцнеле, што направило додатни проблеми за враќањето дома на патниците кои, традиционално, патувале за време на Денот на благодарноста.

Повеќе од стотина летови биле откажани во Чикаго, Сан Франциско, Њуарк и Бостон. Летовите доцнеле и до четири и пол часа на меѓународниот аеродром во Сан Франциско, додека авион на авиопревозникот „Delta“ се лизнал од пистата по слетувањето во Бафало, во сојузната држава Њујорк.

Летовите од аеродромите во Бостон, Њу Џерси, Филаделфија и Њујорк доцнеле и по неколку часа заради лошото време.
Во Њујорк вчера паѓал леден дожд, заради кој авионите не можеле да полетаат на време од аеродромите ЏФК и Ла Гвардиа.

Меѓутоа, подоцна ситуацијата се стабилизирала, па вечерта само аеродромот Ла Гвардиа пријавил доцнење на летовите заради лошото време, пишуваат американските медиуми.