Пратениците не поддржаа укинување на пржинската влада и на апанажата

3

Предлог-законските измени на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на т.н. пржинска влада, како и предлогот на Левица за укинување на апанажата не ја добија потребната поддршка од пратениците.

Двата предлога се најдоа на дневен ред на денешната седница, меѓутоа „за“ гласаа помалку од потребните 61 пратеник.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, образложувајќи го предлогот за измени на Законот за Владата со кој ќе се укине формирањето пржинска влада на 100 дена пред парламентарни избори, рече дека ваквото решение е нефункционално.

„Нефункционалноста на актуелното законско решение имавме можност да ја видиме во повеќе наврати. Сега е пред нас, очекувам поддршка за бришење на овие одредби од законот, а истите можеме да ги дискутираме во текот на постапката“,рече Мицевски.

Меѓутоа, опозицијата не ја доби очекуваната поддршка од мнозинството пратеници. „За“ гласаа 32 пратеници, а „против“ беа 55 поради, со што предлогот на ВМРО-ДПМНЕ не беше усвоен.

Техничката или пржинската влада беше воведена како модел за време на преговорите меѓу партиите во Пржино, за излегување од големата политичка криза по откривањето на аферата со масовното нелегално прислушување, односно пред предвремените парламентарни избори во 2016 година. Оттогаш во земјава имаше две преодни влади, кои значително го надминаа предвидениот мандат од сто дена: Мандатот на првата преодна влада на Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ беше продолжуван поради големите политички превирања кои доведоа до одложување на терминот за одржување на парламентарните избори во 2016 година. На втората преодна влада на Оливер Спасовски од СДСМ, пак, „рокот“ ѝ беше продолжен поради ковид-кризата, која исто така предизвика одложување на изборите во 2020 година.

Пратениците не дадоа поддршка ниту за укинување на апанажата, што беше предлог на Левица. Со „за“ се изјаснија само 16 пратеници, а „против“ беа 13 поради, со што и овој предлог не беше усвоен.

„Целта на предлог-законот е да се укине правото на остварување на плата по престанување на извршување на функцијата на пратеник во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието односно назначува телото што тоа ќе го овласти, претседателот на Република Македонија и Владата или т.н. право на апанажа, како и почитување на уставниот принцип на забрана за дискриминација врз основа на класно/социјално потекло и имотна, т.е. општествена положба. Предлог-законот одговара на моменталната економска, енергетска, здравствена и финансиска ситуација во време на прогласена кризна состојба и сметаме дека ова решение е во насока на задоволување на целите на овој предлог-закон“, пишуваше во поднесениот предлог од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов.

Во процедурална забелешка за предлог-законите зборуваше спикерот Талат Џафери, меѓу другото, објасни и зашто гласал „против“ предлогот на Левица. Како што посочи тој, Собранието не е локална самоуправа што функционира врз доброволна основа, без надоместоци и рече дека на крајот на мандатот функционерите ја користат законската можност.