Пратенички и советници од ВМРО-ДПМНЕ сакале да влезат во суд за да им дадат поддршка на обвинетите во ТНТ

5

Група од дваесетина граѓани меѓу кои и пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска и Жаклина Пешевска денеска сакале да присуствуваат на рочиштето во случајот „Космос“ за да им дадат поддршка на обвинетите за уривањето на комплексот на бизнисменот Фијат Цаноски, но не биле пуштени да влезат во судот.

– Дојдени сме да им дадеме поддршка на обвинетите во ТНТ, но судот не нè пушти внатре од безбедносни причини. Судењето е јавно, не знаеме зошто не нè пуштаат внатре – рече Александар Трајковски, обвинет во случајот „Шамари во Центар“.

Од судот за новинарите рекоа дека групата не можела да влезе зашто била исполнета судницата и немало место.

Судијата Огнен Ставрев на денешното рочиште во случајот ТНТ им дозволи на адвокатите, кои вчера по службена должност им беа доделени на дел од обвинетите, до пладне да направат дополнителен увид во предметот кој се однесува на уривањето на „Космос“, а во кој се обвинети Никола Груевски, поранешниот премиер, Миле Јанакиески, поранешен министер Тони Трајковски, поранешен градоначалник и четворица општинари од Гази Баба.

Адвокатите ноќеска правеле увид во предметот, но претходно поради сериозноста на случајот и нивната одговорност побараа дополнително да извршат увид во материјалите.

Судењето продолжува во 12 часот.