Пред Уставниот суд оспорените одредби на законите за платите на судиите и на членовите на Судскиот совет

2

Оспорените одредби на Законот за платите на судиите и на Законот за платите на членовите на Судскиот совет за намалување на коефициентот за утврдување на платите на судиите кои Собранието ги донесе на 29 февруари годинава се меѓу предметите за расправа на денешната седница на Уставниот суд.

На дневен ред на седницата се вкупно седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и три предлози за одлучување по предмети со нацрт-одлуки, односно предмети за кои веќе е исцрпена дискусијата.

Подносители на иницијативите за оспорените законски измени се Судски совет на Република Северна Македонија, преку  претседателка Весна Дамева и Здружение на судиите на Република Северна Македонија, преку претседателот Џемали Саити

-Судскиот совет на Република Северна Македонија наведува дека со оспорените закони законодавецот извршил противуставна и незаконита интервенција во самостојноста и независноста на судската власт преку правно недозволено намалување на платите на судиите како носители на судската власт и на членовите на Судскиот совет кој е орган што ја гарантира независноста на судската власт, пренесува наводи од иницијативата Уставниот суд.

Во иницијативите, дополнува Судот, се наведува дека уставно-правната положба на судовите и на Судскиот совет е нарушена со оспорената измена на законите бидејќи со нив законодавецот значително го намалил коефициентот за утврдување на платата на судиите (коефициентите кои се движеле од 2.8 до 3.7 сега се намалени во распон од 2.43 до 3.21), односно коефициенот за пресметка на платата на членовите на Судскиот совет (коефициентите од 4 за претседател на Судскиот совет, односно 3.7 за заменик претседател и за член на Судскиот совет сега се намалени на 3.47 односно 3.21).

– Преку намалување на коефициентите што претставуваат параметар за пресметување на платата на судиите и на членовите на Судскиот совет правно и фактички се оневозможува усогласување на нивните плати со динамиката на движење на просечната исплатена плата во претходната календарска година, со што се спречувало законското право на усогласување на платата согласно постојните правила за нејзино пресметување, се наведува во иницијативата.