Златан Ибрахимовиќ долго време флертуваше со клубови од Италија за враќање назад на Апенинскиот полуостров, но со последниот развој на настаните шведскиот ас е многу поблиску до Премиер-лигата отколку до „Серија А“.
Болоња веќе јавно се откажа, Милан се сомнева во квалитетите на ветеранот и не сака да му ја даде платата што ја бара, додека главен адут на Наполи во преговорите беше Карло Анчелоти, кој во меѓувреме доби отказ. Токму Анчелоти е главна фигура за Златан, по најавите дека голгетерот е подготвен да му се приклучи на поранешниот стратег во таборот на Евертон.
Италијанецот синоќа водеше преговори што се оценети како „многу успешни“ и се очекува до крајот на оваа седмица и официјално да биде промовиран во нов менаџер на „карамелите“ од Ливерпул. Прв подарок за него би бил токму шведскиот голгетер, откако управата на Евертон изразила подготвеност да ја плати сумата што Златан ја бара од заинтересираните клубови.