Претседателот Пендаровски се пријавил за вакцинација, ќе прими вакцина која ќе биде достапна

5

Претседателот Стево Пендаровски изјави денес дека пред неколку се пријавил за вакцинирање на апликацијата Вакцинација.мк и дека ќе ја прими вакцината кога ќе му дојде редот.

„Да, се пријавив пред неколку дена на сајтот, како што е за сите граѓани“, рече претседателот по презентација на пригодната поштенска марка по повод 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески. Тој појасни дека во однос на приоритетноста постои план кој е објавен според кој во првата категорија беа здравствените работници и веројатно денес или утре треба комплетно да заврши нивната имунизација со која се опфатени пет-шест илјади лица. Потоа доаѓаат највозрасните граѓани над 77 години, а понатаму се оди според комбиниран метод – возрасна категорија и други фактори.

„Ќе биде опфатена таканаречената критична инфраструктура во која влегуваат на пример шалтерски работници, полицајци, војници и тн. Кога ќе дојде време ќе се вакцинирам, се разбира со онаа вакцина која ќе биде достапна во тој момент“, рече Пендаровски, одгговарајќи на новинарско прашање.

Ова, како што дополни, го вели затоа што постојат разни контраверзи за различни видови вакцини.

„Можам да ве уверам дека се што е одобрено во нашата земја од надлежните органи е проверено. Сите вакцини кои се увезени и кои што се аплицираат се стопроцентно сигурни исто како да се вакцинирате во било која европска држава“, рече тој.

Претседателот Пендаровски рече дека е добро што почна масовната имунизација и дека најверојаатно утре ќе посети некој од пунктовите каде што се спроведува вакцинацијата.

„Јас верувам дека овој месец ќе биде месец на масовна имунизација“, рече тој.

Запрашан за случајот со извлекување на загрозен граѓанин, Пендаровски рече дека армијата не добила било каков повик да се вклучи во таква акција.

„Такво барање не е дојдено воопшто, да дошло уверувам дека веднаш ќе се постапеше и не само за хеликоптери, туку и за специјални армиски единици кои се обучени за такво нешто, да дејствуваат во планински услови и непристапни терени“, рече Пендаровски.