Претставничкиот дом на САД сака да ги ограничи воените овластувања на Трамп

7

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси најави гласање за резолуција која би требало да го ограничи претседателот на САД Доналд Трамп да почнува воени акции против Иран, откако Техеран ракетираше воени бази во Ирак во кои има американски трупи.

Пелоси кажа дека ќе се гласа за претседателските воени овластувања поради загриженоста на членовите на Конгресот околу стратегијата и одлуките на администрацијата која не била отстранета по брифинзите за пратениците.

Државниот секретар Мајк Помпео, министерот за одбрана Марк Еспер, началникот на генералштабот Марк Мили и директорката на ЦИА Џина Хаспел одржаа класифицирани брифинзи за сите 535 членови на Конгресот за да ја објаснат одлуката на претседателот Трамп да го нареди нападот со дрон во кој минатата недела во Ирак беше убиен иранскиот генерал Касем Сулејмани.

По брифинзите, повеќето Трампови републиканци ги пофалија службениците и нападот. Сенаторот Џим Риш, републиканскиот претседател на одборот за надворешни односи на Сенатот, кажа дека тоа бил еден од најдобрите брифинзи и дека биле дадени „кристално јасни информации“.

Но, демократите и најмалку двајца републиканци јасно кажаа дека службениците не дале докази со кои би ги поддржале тврдењата на Трамп дека Сулејмани претставувал „непосредна закана“ за Соединетите Држави.

Резолуцијата за ограничување на овластувањата веројатно ќе ја поддржи Претставничкиот дом, каде демократите имаат мнозинство, но не и Сенатот, кој го контролираат републиканците.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс изјави вчера дека САД добиле разузнавачки информации според кои Иран побарал од своите сојузнички милиции да не напаѓаат американски цели.

„Добивме некои охрабрувачки разузнавачки информации дека Иран им испраќа пораки на своите милиции да не тргнуваат против американски цели или цивили. Се надеваме дека таа порака сѐ уште одекнува“, кажа Пенс.