Приведени 9 вработени во МВР: Издавале македонски пасоши со лажен идентитет на 215 лица со профил на висок ризик

81

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на денешната прес-конференција попладнево соопшти дека вкупно 215 лица добиле македонски патна исправа со туѓ идентитет, 214 биле странски државјани, а само еден бил наш државјанин. За помагање на овие документи со туѓ идентитет приведени се 9 лица, а по еден се трага. Од нив 9 се вработени во МВР, а еден бил посредник.

Министерот Спасовски посочи дека приведените се овластени службени лица и контролори, односно лица кои биле задолжени за издавање и одобрување на патните исправи.

„Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР во соработка со Јавен обвинител од ОЈО Скопје сузбија криминална група, чии членови- вработени во Управните служби на МВР, злоупотребувајќи ја службената положба издавале македонски патни исправи злоупотребувајќи туѓ идентитет. Поддршка за истрагата беше дадена и од страна на Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД во Скопје, како и Генералниот секратаријат на Интерпол Лион и Интерпол Скопје“

Поддршка во криминалните активности на вработените во МВР, Спасовски рече дека добивале и од лице-посредник кое не било вработено од МВР.

„Се работи за 215 лица кој добиле македонски патни исправи со туѓ идентитет. Поддршка на вработените во МВР било лице посредник, кое не работи во МВР. Преку регионалната соработка од САД беше обезбеден вистинскиот идентитет на лицата. Се работи за лица кои учествувале во нелегална трговија со дрога и други криминални дејствија. Тоа се лица со профил на висок ризик и кој се бараат по меѓународните потерници. Кривични пријави се поднесени за 10 лица од кои 9 се приведени, а по еден се трага”, вели Спасовски.

Министерот Спасовски го повика Основното Јавно обвинителството да постапи и да ја реши, како што кажа саботажата на акцијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Според министерот, споделувањето на информации со јавноста кое опозициската партија го направи вчера, можело ја загрози акцијата и се што било сработено во период од две години.

„Сите кои мислат дека со опструкции и саботажи ќе не спречат во борбата со криминалот, се лажат. Се соочивме со саботажа од ВМРО-ДПМНЕ и од Христијан Мицкоски. Беа пласирани информации кои моѓеа да ја загрозат акцијата и се што беше сработено во текот на истрагата Тоа е недозволиво. Лажни вести се дека оваа акција е започната во времето на Наќе Чулев и дека потоа ништо не се работело. Го повикувам Јавното обвинителство да се произнесе за ваквиот обид за саботажа. Правдата ќе ги стигне сите и додека сум јас на чело на МВР борбата со криминалот нема да престане”, додаде Спасовски.