Приведен е возачот на српскиот автобус кој се преврте во Бугарија

2

Портпаролот на главниот обвинител на Бугарија, Шиjка Милева, за МИА во Софија изјави дека возачот на српскиот автобус кој се преврте кај Стара Загора на автопатот „Тракија“ е задржан во 24-часовен притвор, според законот на Министерството за внатрешни работи на земјата.

На возачот, српски државјанин, му е наредено да не ја напушта Бугарија додека трае истрагата за причините за несреќата. Таа додала и дека во Стара Загора работи тим на бугарски истражители и дека допрва следуваат распитите на учесниците во несреќата. Милева не можеше да коментира кога децата од Србија ќе можат да ја напуштат Бугарија, бидејќи со закон распитот на малолетните деца се врши по одредена процедура и во присуство на нивните роднини или родители.

Инаку, од синоќа во Стара Загора е главниот обвинител Иван Гешев, заедно со тим истражители. Во исто време, експертите за безбедност на патиштата коментираат дека, покрај тоа што српскиот возач изгубил контрола над автобусот, го прекршил бугарскиот закон затоа што од фестивалот во Сончев Брег во Србија отпатувал за да земе деца навечер и ноќе, што не е дозволено. Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, кој е во Стара Загора, ќе ги посети децата кои престојуваат во еден од хотелите во градот за да разговара со нив и да види каква е нивната општа состојба.