Притворот на поранешниот пакистански премиер Имран Кан продолжен за две недели

2

Затворскиот притвор на поранешниот пакистански премиер Имран Кан кој му е одреден поради оддавање државни тајни е продолжен за уште две недели, соопшти денеска неговиот адвокат.

Затворскиот притвор е продолжен до 26 септември, соопшти адвокатот во објава на платформата Х.

Кан е во затвор од почетокот на август, а претходно беше осуден на три години за корупција.

Тој беше затворен на 5 август, откако беше осуден на три години затвор за незаконска продажба на владини подароци што ги доби за време на неговиот мандат како премиер во периодот 2018-2022 година, а пакистанската изборна комисија, исто така, му забрани да учествува на изборите во следните пет години.

Адвокатскиот тим на Кан поднесе жалба, тврдејќи дека тој е осуден без право на одбрана.

Високиот суд му ја суспендира казната минатиот месец, но претходната наредба за негов притвор под обвинение за оддавање државни тајни го спречи да биде ослободен.