Продолжува намалувањето на бројот на новозаболени од Ковид-19, до крајот на април се очекуваат вакцини од Кина и „Фајзер“

7

По мини пикот на новозаболени од Ковид-19 на почетокот на неделава, последните бројки на новодијагностицирани бележат тренд на намалување, па така според вчерашната статистика регистрирани се 890 нови случаи на инфицирани со коронавирусот од направени 3.284 тестови. Во исто време, продолжува имунизацијата на населението со динамиката согласно располиживите вакцини и во очекување на нови дози од Кина и „Фајзер“, кои според најавите, треба да пристигнат во земјава до крајот на месецов.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера оцени дека притисок во болниците, кој го имаше претходно, последниве денови е намален, нагласувајќи дека бројката на новохоспитализирани неделава е помала отколку претходната седмица.

Тој изрази надеж дека овој тренд ќе продолжи и следните денови, оценувајќи дека ова знаци оти актуелниот бран стивнува.

Според податоци на Министерството за здравство, во претходните 24 часа во ковид-центрите во Скопје биле примени 68 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат во болниците во земјава вчера изнесуваше 1687 и имаше околу 340 празни болнички кревети.

Филипче информира дека целокупниот процес на вакцинација во земјава се одвива согласно планот и расположивиот број на вакцини, потенцирајќи дека од почетокот на имунизацијата не е фрлена ниту една доза, иако на закажаните термини во просек не се јавуват околу 20 отсто од лицата.

Тој најави дека од Амбасадата на Кина добиле потврда дека околу 28 април во земјава треба да пристигнат околу 200 000 кинески вакцини, а пред тоа, на 19 и 26 април и по 10 000 вакцини на „Фајзер“.

Според него, веќе се обезбедени 2,6 милиони дози и нема потреба од дополнителна нарачка на вакцини.

– Нам во овој момент не ни треба нарачка на вакцини затоа што согласно планот како што е димензиниран и сите досегашни договори имаме обезбедено 2 милиони и 600 илјади вакцини. По 800 илјади вакцини треба да стасаат преку системот Ковакс и директниот договор со „Фајзер“, потоа по 200 илјади руски и кинески вакцини, 100 илјади вакцини кои треба да дојдат како помош од системот на солидарност преку Европската унија и 500-те илјади вакцини на Синовак, кои треба да стасаат во мај. Тука процесот е заокружен, рече Филипче.