Проектот „Простор за разговор“ ја продолжува Националната турнеја во Велес

0

Националната турнеја на проектот „Простор за разговор“- “Dancing (Talking)Table”, кој има за задача да ја подигне свеста за родовата еднаквост и семејното насилство продолжува денеска со почеток во 12 часот во Велес.

Како што информираат од културниот центар Интерарт, настанот ќе се одржи на Малата сцена на Велешкиот театар, во присуство на ученици од СОУ Гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес.

Во рамки на настанот ќе се прикаже филмот „Простор за разговор“ во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, музика на Тони Китановски, костими на Благој Мицевски и сценско обликување и светло на Матеа Мијановиќ.

Настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, како и Стефани Шааршмит, Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска и Стефанија Милевска Враниќ, студенти на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“.

Филмот е создаден како сценска рефлексија на истражувањето за односот на општеството кон темата на родова еднаквост и семејно насилство, со цел да се сврти вниманието на јавноста кон овој горлив проблем.

На темата ќе се обратат Ана Зафирова, новинарка и активистка, Сашо Димовски, драматург и директор на НТ „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ од Велес, Анита Смилевска, психолог во СОУ Гимназија „Кочо Рацев“ од Велес и Рисима Рисимкин, уметник и професор, уметничкиот автор на проектот, кои ќе зборуваат на темата за родова еднаквост и семејно насилство.

Националната турнеја на проектот се случува во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Националната мрежа против семејно насилство“ и локални партнери од десетте града во Македонија, кои се занимаваат со култура и темата на родова еднаквост и родово базирано насилство.

Премиерата на „Простор за разговор“ беше на 26 ноември 2022 година во Мала станица во Скопје, а во октомври турнејата ќе продолжи во Струга и Крушево.

Завршниот настан за проектот кој е поддржан од Швајцарската амабасада во Скопје ќе биде на 28 октомври во Скопје.