Промоција на поетската збирка „Килибар и младост“ на Гордана Михаилова Бошнакоска во издание на „Макавеј“

3

Промоција на поетската збирка „Килибар и младост“ од авторката Гордана Михаилова Бошнакоска во издание на „Макавеј“ ќе се одржи вечер во 19:19 часот во Салон Империјал 1 во Културно информативниот центар – Скопје.

Нејзината  поетска збирка „Килибар и младост“, е втора од проектот поетска трилогија, во која се надоврзува на претходната „Мед и младост“, а третата како проект ќе го носи насловот  „Маслина и младост“. Целиот проект во суштина ја поставува дилемата на вечноста и минливоста.

Книгата ќе ја промовираат македонскиот поет, литературен критичар, есеист, преведувач, публицист и издавач Бранко Цветкоски и писателот Гоце Смилевски. Стиховите ќе ги рецитираат артистите Софиа Насевска Трифуновска и Борче Начев.

Гордана Михаилова Бошнакоска е родена на 1 септември 1940 год. во Битола. Студирала на Филолошкиот факултет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Пишува поезија, проза, есеи за литература и уметност (сликарство и скулптура).

Има објавено петнаесет збирки поезија првата „Времето го нема“ 1965, а најновата „Мед и младост“ 2023. Наградата Браќа Миладиновци ја доби за збирката „Планини од картонски кутии“, наградата ,,Ацо Шопов,, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, ја доби за збирката „Песна на ридот“, како и наградата ,,Празник на липите“.

-Застапена е во сите поетски антологии во Македонија и странство, како и во панорамски прикази. Преведени се нејзините песни на сите светски јазици. Поединечни преводи се објавени на нејзини поетски избори како и збирката Толкување на морето.  Од Македонија застапена е во антологијата  „13 Ѕвезди на словенското небо“ што ја издаде Словенската акдемија за литература и уметност од Варна ( Бугарија), каде е и нејзин член и носител на највисокото признание  „Големо летечко перо“ за целокупно творештво.  Носителка е на признанието  Витез на пишаниот збор како и на највисокото признание на ДПМ  „Книжевен жезол“ за целокупно творештво. Ги има објавено збирката раскази Босфорско лето и романот Потрага по приказната, се наведува за поезијата на Михаилова Бошнакоска.

Таа настапувала на бројни литературни манифестации во земјава и во странсто. Добитничка е на стипендијата Фулбрајт со престој во САД. Застапена е во изданијата за литература од Министерството за култура, како и во македонската енциклопедија.  За нејзиното творештво пишувале многу македонски автори од сите генерации, како и автори од други земји, наведуваат од Културно информативен центар – Скопје.