Просечната нето-плата во октомври се зголеми за речиси 300 денари

5

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2019 година, изнесува 25.726 денари (25.435 во септември), а бруто-платата 38.227 денари (37.797 во септември), објави Државниот завод за статистика.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во октомври 2019 година, во однос на октомври 2018 година, изнесува 103.7.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Транспорт и складирање (8.7 %), Дејности на здравствена и социјална заштита (7.4 %) и Уметност, забава и рекреација (6.7 %).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (5.7 %), Финансиски дејности и дејности на осигурување (4.4 %) и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (2.9 %).

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во октомври 2019 година, во однос на октомври 2018 година, изнесува 104.8.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Транспорт и складирање (10.2 %), Уметност, забава и рекреација (9.0 %) и Дејности на здравствена и социјална заштита (8.9 %).

Зголемување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (5.9 %), Финансиски дејности и дејности на осигурување (4.0.%) и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (2.9 %).

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во октомври 2019 година, изнесува 38.227 денари.