Протест на неколку граѓански здруженија пред ОЈО Скопје

0

Здруженијата „Но пасаран“, „Човекот над профитот“ и „Стоп за грабежот“ денеска протестираа пред Основното јавно обвинителство барајќи од обвинителите да реагираат по допрен глас и по материјалните докази за сторени кривични дела.

– Застанати сме пред Основното јавно обвинителство, кој е самостоен орган и треба да ги гони сторителите на кривични дела. Знаеме дека во Македонија се случуваат незаконски извршувања за кои има и материјални докази. Тие материјални докази се докази од судовите – Апелацискиот суд Скопје, Апелацискиот суд Гостивар, од Штип, од основните судови каде што се докажани нерегуларности во пренаплатување на долгови, изјави Ана Глигорова од здружението „Човекот над профитот“.

Вели дека во ОЈО има стотици пријави против правни субјекти, но ги држат во фиока.

Според Марјан Ненов од здружението „Но пасаран“, главниот проблем е немањето одговорност.

– Ако сте криминалец и сакате лесно да поминете, да немате одговорност за своите злодела, тогаш ќе си го купите судството. Или ќе ги купите поединечно судиите или преку претседателот на судот и тогаш нема да одговарате пред лицето на јавноста. Ретки се оние чесни судии кои работат спрема законот, рече Ненов.