Протест пред Влада против рудникот Иловица, се бара одземање на концесијата 

6

Под мотото„Стоп за рудникот на смртта“, жители од струмичките села Иловица и Штука и граѓански активисти, протестираа пред Владата и побараа итно одземање на концесијата за отворање на рудникот на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“.

Тие велат дека нема да престанат да вршат притисок и ќе протестираат се додека Владата не закаже седница на која ќе донесе одлука за одземање на концесијата.

Жителите извикуваа „Стоп за рудникот“, „Рудници не сакаме“, „Профитери назад“ со што порачаа дека нема да се откажат од намерата додека не се заврши постапката до крај.

„Јавно ја повикуваме Владата да свика седница и да донесе одлука со која му се одзема концесијата на Еуромакс. Кога ќе ја видиме одлуката во Службен весник, тогаш ќе сметаме дека е завршена работата и тогаш ќе престанеме да вршиме јавен притисок. Во името на овие млади луѓе кои сакаат чист воздух, здрава животна средина и родна земја им порачуваме „Не за рудници- одземете ја концесијата веднаш “. Време за чекање нема, останува уште еден месец до техничка влада. Нашата порака е недовосмислена и јасна, други компромиси нема да правиме и нема да седиме мирни, додека не ја завршат работата што ја имаат започнато“, рече Стојан Велков активист од здружението „Еко-долина“.

Жителите велат дека концесијата не е одземена, бидејќи концесионерот поднел тужба пред Управниот суд. Според нивни кажувања, концесионерот почнал да лобира меѓу луѓето да проработи рудникот, наговарајќи ги дека ќе се врабатот жители од околните села. Затоа како што тврдат постапката за одземање на концесијата треба во најкус можен рок да се заврши.