Главната ривалка на белорускиот претседател Александар Лукашенко на претседателските избори во неделата, Светлана Тихановскаја, ја напуштила Белорусија и од синоќа е во Литванија.
Министерот за надворешни работи на Литванија Линас Линкевичиус потврди дека таа е на безбедно место.
Нови демонстрации во знак на протест против резултатите на претседателските избори во Белорусија беа организирани синоќа. Полицијата, како и во неделата вечерта, ги растурила користејќи солзавец и гумени куршуми, пренесува Радио Слободна Европа.
Ројтерс известува дека соработниците на Тихановскаја не успеале да стапат во телефонски контакт со неа откако ја напуштила зградата на изборната комисија и изјавила дека се смета за победничка на изборите во Белорусија, на кои, инаку, според официјалните резултати, победи Лукашенко со околу 80 отсто од вкупниот број гласови.