Против Доналд Трамп покренат импичмент, го чека судење во Сенатот

7

Доналд Трамп стана третиот американски претседател во историјата против кој Претставничкиот дом изгласал импичмент. Го чека судење во Сенатот, кое ќе одлучи дали тој ќе остане на функцијата.

Домот гласаше за две обвиненија – дека претседателот ја злоупотребил својата моќ и дека го попречувал Конгресот.

Речиси сите демократи гласаа за обвиненијата, а сите републиканци гласаа против.

Републиканците на претседателот Трамп го контролираат Сенатот, така што е малку веројатно дека тој ќе биде отстранет од власта.

Додека во Домот се одвиваше гласањето, Трамп говореше на митинг за кампањата во Мичиген.

„Додека ние создаваме работни места и се бориме за Мичиген, радикалната левица во Конгресот е обземена од завист и омраза и бес, гледате што се случува“, им рече тој на присутните.

Белата куќа објави соопштение во кое се вели дека претседателот е „уверен дека ќе биде целосно ослободен“ на судењето во Сенатот.

По 10 часа партиска расправа за основаноста на двете обвиненија за импичмент против претседателот Трамп, Домот повика на гласање околу 20:30 часот по локално време.

Првото обвинение е злоупотреба на службената должност и произлегува од наводниот обид на Трамп да изврши притисок врз Украина да покрене истраги за неговиот демократски политички ривал Џо Бајден.

Тоа помина со 230 гласови наспроти 197, скоро целосно по партиски линии. Само двајца демократи беа против.

Второто обвинение е попречување на Конгресот, затоа што претседателот, наводно, одбил да соработува со истрагата за импичмент – не ги даваше доказните документи и им забрани на своите клучни помошници да даваат докази.

Тоа помина со 229-198. Демократот Џаред Голден од Мејн гласаше за првото обвинение, но беше против второто.