Пулмологот Ангелко Ѓорчев е Македонецот кој паднал во кома по вакцинирањето во Ниш

14

Пензионираниот професор на скопски Медицински факултет пулмологот Ангелко Ѓорчев е Македонецот кој завчера паднал во кома откако примил вакцина против корона вирус во Ниш, Србија. Тој моментно се наоѓа во Универзитетскиот клинички центар во Ниш, а неговата состојба е непроменета. Лекарите се уште не знаат која е конкретна причина поради која Ѓорчев паднал во кома. Досега е утврдено дека Ѓорчев кој има 72 години и три бај-паса и три стента, немал знаци на инфаркт.

На социјалните мрежи вчера се огласи и неговиот син Влатко Ѓорчев, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, кој го објасни целиот случај и искажа револт во однос на тоа што македонските граѓани морале да одат во Србија за да примат вакцини. Влатко Ѓорчев наведува дека татко му тргнал на вакцинација заедно со други колеги доктори.

-Македонија немаше вакцина за старите луѓе со нарушено здравје. Не е само татко ми, туку нема вакцини за илјадници други. Ниту за старите, ниту за медицинските работници. Затоа татко ми отиде во Ниш заедно со неколку колеги доктори. Мислам дека отиде од револт, но и желба за имунизација, сакајќи повторно да се дружи со внуците и пријателите. Отиде без да ми каже, без да ми најави, а знам дека со месеци чекаше да се вакцинира во Скопје. Да бевме елементарно нормална држава, старите луѓе ќе беа вакцинирани уште пред неколку месеци, напиша Влатко Ѓорчев.

Тој додаде дека на татко му му се слошило веднаш по примањето на вакцината.

-Кратко откако ја примил вакцината, му се слошило и загубил свест. Го реанимирале на лице место, па го однеле со брза помош на кардиологија, а од денес е на интензивна нега во новиот клинички центар во Ниш. Не знаеме колку долго не можел да дише. Не знаеме во која мерка му е оштетен мозокот поради немање на кислород. Сега е на респиратор, во кома. Не знаеме се уште дали се работи за инфаркт, анафилактичен шок, за редок шок предизвикан од реакција на вакцината, за комбинација од фактори или нешто трето. Сега е најважно да преживее, напиша тој.

Според него, понижувачки е тоа што нашите граѓани морале да одат во друга земја за вакцини/

-А ние? Нашиот народ? Како бегалци, се оди по соседните земји да се добие вакцина, да се добие здравје. По спортски сали, по паркинзи, по гранични премини. Буквално како бегалци. Бегалци од една неспособност и фијаско. Бегалци од еден систем што тотално и целосно потфрли. Со најмногу заразени, со најголема смртност и со најмалку вакцини. Се умира низ цела Македонија. Со 30 погреби дневно, со 30 загубени луѓе секој ден. Стоиме по болнички ходници и чекаме некоја вест за нашите родители. Чекаме докторите да ни кажат дали родителите ни се живи, дали уште дишат, напиша Ѓорчев.