Путин го поддржува кинескиот план за мирно решавање на кризата во Украина

3

Рускиот претседател, Владимир Путин во интервју објавено денеска вели дека го поддржува кинескиот план за мирно решавање на кризата во Украина.

Во интервју за кинеската новинска агенција Синхуа пред посетата на Путин на Кина оваа недела, рускиот лидер рече дека Пекинг ги разбира причините за кризата во целост, пренесе БТА.

Путин вели и дека Русија е отворена за дијалог и преговори за решавање на конфликтот кој трае повеќе од две години.

-Планот и принципите на Кина, објавени минатиот месец од кинескиот лидер Си Џинпинг, ги земаат предвид факторите зад конфликтот. Позитивно го оценуваме пристапот на Кина за решавање на украинската криза. Пекинг навистина ги разбира причините за кризата и нејзиното глобално геополитичко значење. Дополнителните принципи за решавање на кризата, кои Си Џинпинг ги постави во рамките на неговите преговори со германскиот канцелар Олаф Шолц, се реални и конструктивни чекори кои ја развиваат идејата дека е неопходно да се надмине менталитетот на Студената војна, изјави Путин.

Пред повеќе од една година, Пекинг објави план од 12 точки што ги содржи општите принципи за ставање крај на војната во Украина. Планот беше поздравен и од Русија и од Украина.