Путин: НАТО не е одбранбен сојуз, многумина тоа го почувствуваа на своја кожа

15

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во Москва дека НАТО не е, како што тврди, чисто одбранбен сојуз, во што можеле директно да се уверат граѓаните на многу земји.

„Сакам да напоменам дека сè уште се обидуваат да ја смират Русија тврдејќи дека НАТО е мирољубива и чисто одбранбена организација, чисто одбранбен сојуз. Граѓаните на многу земји од свое сопствено искуство се уверија колку е точно тоа“, рече Путин на прес-конференција по разговорот со својот француски колега Емануел Макрон.

Во тој контекст Путин ги спомна Ирак, Либија и Авганистан, како и големата воена операција против Белград без одобрение на Советот за безбедност на ОН.

Тој потсети дека Русија во воената стратегија на Алијансата е означена како противник.

„Меѓу другото, не можеме да го игнорираме ова: во воената стратегија на НАТО од 2019 година, Русија директно беше наречена главна безбедносна закана и противник. НАТО нас нѐ означи како противници. Во исто време, својата воена инфраструктура ја приближи сè до нашите граници“, рече рускиот претседател.

Тој додаде дека НАТО и неговите земји-членки веруваат дека можат да одредуваат каде и како Русија треба да ги распоредува своите вооружени сили и да не ги врши планираните маневри и вежби, па дури и дека преместувањето на нејзините војници на нејзина територија претставува закана од руска инвазија, во овој случај врз Украина.

„Наводно, балтичките земји и другите земји – нашите соседи – ја чувствуваат опасноста. Врз основа на што, не е многу јасно. Во секој случај, тоа се користи како теза за да се изгради непријателска политика кон Русија“, изјави Путин.

Тој додаде дека главните грижи на Русија, кои беа наведени во предлозите за безбедносни гаранции, се игнорирани.

„За време на разговорите продолживме да разменуваме мислења за предлозите на Русија до САД и НАТО за обезбедување долгорочни правни безбедносни гаранции“, рече Путин по разговорот со Макрон.

Зборувајќи за ситуацијата на истокот на Украина, Путин изјави дека Киев тргнал на патот на раскинување на Минските (мировни) договори. Според него, нема напредок во такви фундаментални прашања како уставните реформи, амнестијата, локалните избори, правните аспекти на специјалниот статус на Донбас.

Рускиот претседател прецизираше дека Киев продолжува да ги игнорира „сите можности за мирно обновување на територијалниот интегритет на земјата преку директен дијалог со Доњецк и Луганск“.

Тој додаде дека се договорил со францускиот колега да се слушнат по Макроновата посета на Киев. Како што наведе, неколку идеи на Макрон може целосно да бидат основа за понатамошни заеднички чекори во Украина.

Путин, исто така, рече дека Русија и Франција имаат намера да продолжат со заемно корисна соработка во економијата, политиката, културата и хуманитарните области.

Претседателите на Русија и Франција разговараа во Кремљ повеќе од пет часа, прво приватно, а потоа и на вечера, речиси до полноќ по московско време.