Путин: Односите и стратешкото партнерство меѓу Москва и Пекинг се „без преседан“

8

Рускиот претседател Владимир Путин оцени дека односите и стратешкото партнерство меѓу Москва и Пекинг се „без преседан”.

„Нашите билатерални односи напредуваа во духот на пријателството, стратешкото партнерство. Тие навистина добија карактер без преседан“, рече Путин на почетокот на средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, пренесоа руските медиуми.

Путин утрово допатува во Пекинг каде ќе присуствува на церемонијата на отворање на Зимските олимписки игри.

Кинескиот претседател Си Џинпинг истакна дека Кина и Русија силно ги поддржуваат напорите за заштита на фундаменталните интереси.

„Расте политичката и стратешката меѓусебна доверба“, рече кинескиот лидер на почетокот на средбата со Путин.

Тој посочи дека Кина и Русија работат заедно на имплементацијата на вистинскиот мултилатерализам, го поддржуваат вистинскиот демократски дух и служат како сигурен столб за зближување на светот во надминувањето на кризите и одбраната на еднаквоста.