Радев гледа позитивни сигнали по посетата на Петков на Скопје

4

По посетата на премиерот Кирил Петков на Скопје, има многу позитивни сигнали, изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред новинарите, пренесува БТВ.

Според него, треба да се поддржи секој чекор што води кон продлабочување на односите.

„Има многу позитивни сигнали од оваа посета. Сепак, се надевам, како што кажав во средата од собраниската говорница, заедно со сите напори за подобрување на поврзаноста, инвестициите, економијата, соработката – да не заборавиме на главните прашања што треба бидат решени и кои, всушност, ќе ја отклучат вратата за почеток на преговорите“,истакна бугарскиот претседател.

За него се апсолутно неосновани тврдењата дека ако Бугарија бара внесување на Бугарите во македонскиот Устав, како реципроцитет, Македонија може да бара признавање на македонското малцинство во Бугарија.

„Да не заборавиме дека нашите уставни системи се радикално различни. Бугарскиот Устав предвидува заштита на индивидуалните права, а македонскиот устав се заснова на заштита на колективните права на делови од народите“,рече Радев.

Изјавата на бугарскиот претседател следува по посетата на бугарската владина делегација на земјава на 18 јануари 2022 година. По средбата, бугарскиот премиер порача дека добрососедството ќе има практични и реални резултати, а не само политички изјави.