Ракетирано училиште во Сирија, повеќето загинати се деца

6

Најмалку осум цивили, меѓу кои пет деца, загинале во ракетен напад врз училиште на северозападот на Сирија, соопштија опозициски активисти.

Погодената зграда на селското училиште ја користеле раселени лица.

Меѓу загинатите е и една жена, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Лондон.

Истовремено, владините сили ослободиле клучно село кое било под контрола на милитанти на Ал каеда, пренесува Асошиејтед прес.

Опозициските активисти тврдат и дека сириските владини сили опколиле и турски набљудувачки пункт во таа област, но дека не го нападнале.

Сириските сили минатата недела почнаа голема офанзива на северозападот на земјата, по повеќенеделното гранатирање поради кое илјадници луѓе ја напуштија провинцијата Идлиб, последното упориште на бунтовниците.

Опозициски извори наведуваат дека сега повеќе од 40 села се под контрола на владините сили во јужните делови на Идлиб.

Според проценките на ОН, околу 60.000 луѓе ја напуштиле таа област и тргнале кон југ откако бомбардирањето се интензивирало на почетокот на месецот.

Уште неколку илјади во претходните денови тргнале на север, кон границата со Турција.