Ракометарите на 21 декември ги стартуваат подготовките за ЕП

17

Машката ракометна репрезентација на Македонија подготовките за настапот на Европското првенство ќе ги започне на 21 декември, а според планот на селекторот Брестовац, поголемиот дел од подготовките ќе се одржат во Словенија.

Предвидено е ракометарите како дел од подготовките да учестувваат и на турнир во Романија. Проблем за селекторот ќе претставува тоа што репрезентацијата ќе се комплетира дури во Словенија на 2 јануари, на само седум дена пред стартот на ЕП.

– Подготовките ги стартуваме на 21 декември во Скопје. Веќе имаме закажан турнир во Романија на 28 и 29 декември и би сакал да патуваме со еден поширок список, бидејќи нема да можеме да сметаме на играчите од Бундес-лигата, но и би им дал време за одмор и рехабилитација на дел од поискусните ракометари како Лазаров, Манасков и Ристовски.

Репрезентацијата би се комплетирала на 2 јануари во Скопје, по што заминуваме за Словенија, каде ќе ги финишираме подготовките. Досега подготовките течеа во Македонија, но мое мислење дека е подобро да бидеме што поблиску до Австрија. Обезбедивме ривали, на 3 јануари играме со Словенија, на 5 јануари со Црна Гора, по што би имале време за подготовки до патот за Австрија на 9 јануари – го откри Данило Брестовац, планот за подготовките.

Македонија се наоѓа во групата Б заедно со селекциите на Австрија, Чешка и на Украина, а натпреварите ќе се играат во Виена.