Реакција на НБРМ: Новите банкноти се испланирани пред корона-кризата
Народната Банка на Македонија реагира на информацијата пласирана од партијата Левица според која деновиве е донесена одлука за издавање на книжни денари со новото име на државата.
Според кабинетот на гувернерката Анита Бежовска одлуката на банката од пред неколку дена се однесува само на технички аспекти на издавањето а не на целата операција за пласман на парите.
Целата реакција на Народната Банка:
“Во врска со објавата на вашиот веб-портал за издавање на серии банкноти во апоени од 10 и 500 денари, Ве известуваме:
Една од законски утврдените задачи на централната банка е издавањето банкноти и монети. При остварување на оваа задача, централната банка води сметка и за природниот животен век на парите.
Издавањето на нови серии банкноти во апоени од 10 и 500 денари во текот на првата половина на оваа година беше планирано уште во текот на 2018 година, врз основа на среднорочните анализи за количини коишто се потребни заради редовна замена на книжните и кованите пари од постојните изданија, коишто се повлекуваат заради губење на карактеристиките за соодветност за оптек, како и заради обезбедување и одржување континуитет на воспоставениот редовен процес на снабдување со готовина. Накусо, станува збор за редовен процес, којшто е планиран поодамна, во согласност со процените во коишто предвид се има природниот животен век на парите кои веќе циркулираат во оптек.
Одлуките за издавање книжни пари во апоени од 10 и од 500 денари, Советот на Народната банка ги донесе на седницата којашто се одржа на 28 февруари 2019 година, а постапките за јавна набавка на банкнотите беа спроведени уште во вториот и третиот квартал на минатата година, имајќи ги предвид комплексноста и времетраењето на процесот на печатење пари. Притоа, во повеќе наврати, јавноста беше известена дека овие книжни пари, начелно се планира да бидат пуштени во оптек во текот на првата половина на оваа година, имајќи го предвид природниот животен век на парите.
Измените на одлуките за издавањето на парите во апоени од 10 и 500 денари, донесени на седницата на Советот на Народната банка одржана на 31 март се однесуваат исклучиво на измени на техничките димензии на некои од елементите на парите, коишто во процесот на подготовка за печатење е утврдено дека мора да се направат”, се вели во реакцијата.