Речиси 100.000 Израелци вакцинирани за еден ден

28

Скоро 100.000 Израелци се вакцинирани за еден ден, што е нов дневен рекорд откако на 20 декември почна вакцинацијата против коронавирусот во таа земја, објави Министерството за здравство на Израел.

Досега се вакцинирани вкупно 379.000 лица, а министерот за здравство, Јули Еделштајн, ги пофали здравствените работници и сите задолжени за вакцинирањето, како и јавноста што се одѕвала на кампањата.

Еделштајн најави дека вакцинацијата ќе биде забрзана и Израел сега е прв во светот според бројот на вакцинирани по жител, незначително пред Бахреин, но далеку понапред во споредба со другите земји во светот.

Во неделата беа вакцинирани скоро 100.000 луѓе, а евидентирани се скоро 3.500 нови случаи на инфекција, и уште 784 утрово, така што бројот на активни случаи се зголеми на скоро 35.600, а бројот на смртни случаи на 3.226, додека стапката на позитивност е 4,9 проценти, најголема од октомври.

Целта на Израел е да вакцинира 150.000 луѓе на ден, а премиерот Бенјамин Нетанјаху во саботата изјави дека се надева дека повеќе од два милиони Израелци ќе бидат вакцинирани до крајот на јануари, пренесуваат израелските медиуми.

Во меѓувреме, низ Израел почнаа да се применуваат трети рестрикции. Тие се воведени на две недели со можност за продолжување поради наглото зголемување на бројот на заразени лица.

Во еврејската држава први се вакцинираат здравствените работници, луѓето постари од 60 години и оние што се изложени на ризик.

Сојузот на израелски наставници најави штрајк за денес бидејќи тие не се на списокот со приоритети за вакцинација, иако училиштата работат.