Рохани повика на национално единство во Иран

4

Иранскиот претседател Хасан Рохани во телевизиско обраќање побара вооружените сили да објаснат како дошло до уривањето на украинскиот авион,15.01.2020

Иранскиот претседател Хасан Рохани повика на национално единство додека продолжија протестите во земјата поради уривањето на украинскиот патнички авион. Повикот за смирување, кој тој го испрати во денешното телевизиско обраќање, доаѓа откако министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф на прес конференција во Индија рече дека луѓето протестираат затоа што неколку дена беа лажени.

„Луѓето сакаат да се уверат дека властите се однесуваат кон нив со почит, интегритет и доверба“, рече Рохани и побара од вооружените сили да им се извинат и да објаснат како точно дошло до трагедијата.

Минатата недела украинскиот патнички авион беше погоден по грешка од иранските воздушни сили, веднаш по полетување од аеродромот во Техеран, а во несреќата загинаа сите 176 луѓе кои беа во авионот. Трагедијата се случи неколку часа откако иранската војска истрела ракети кон две воени бази во Ирак во кои беа сместени американски војници, како одговор на американскиот напад во Багдад во кој загина иранскиот командант Касем Солејмани. Во првите денови од несреќата иранските власти не кажаа дека тие го урнале авионот, туку тоа го сторија на 11 јануари по што и избувнаа протестите.