Румен Радев: Нема друг излез од кризата, почитувајте ја волјата на граѓаните за итна оставка

5

Седницата на бугарскиот парламент, пред кој се собраа од изутринава илјадници демонстранти на антивладини протести, започна со говорот на претседателот Румен Радев, кој ги повика пратениците „да ги следат волјата и барањата на Бугарите за итна и безусловна оставка на кабинетот“.

Пратениците од партијата ГЕРБ ја напуштија пленарната сала пред почетокот на обраќањето на претседателот Румен Радев пред народот и Народното собрание.

„Во длабоката институционална криза, Народното собрание е институција што треба да биде одговорна за граѓанскиот мир и иднината на Бугарија“, рече Радев.

„По два месеци немилосрдни протести во земјата и сериозна дискредитација во светските медиуми, мислам дека конечно е поставена дијагноза за таквата влада. Очекувам бугарскиот парламент да не ја менува агендата, тоа е она што го сака општеството”, рече претседателот.

„Како израз на волјата на народот, ве повикувам да ги следите барањата на Бугарите за безусловна оставка на владата. Немаме друг излез од кризата освен тоа да биде направено на мирен начин”, заклучи Радев.

Во Бугарија веќе два месеци се одржуваат протести на кои се бара оставка на Владата на Бојко Борисов.