Русија го предупреди НАТО на сериозни последици ако испрати мировници во Украина

5

Русија го предупреди НАТО дека ќе се соочи со сериозни последици доколку се одлучи да испрати мировници во Украина.

Таквиот тек на настаните според шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров би довел до директен судир со руските сили и ескалација на конфликтот надвор од границите на Украина. Лавров кој се обрати пред студентите на московскиот универзитет призна и дека преговорите со Украина се одвиваат доста тешко поради различните позиции на двете страни.

-Нашите полски колеги веќе изјавија дека сега ќе има самит на НАТО и дека треба да се испратат мировници. Се надевам дека разбираат што е во прашање. Ова ќе биде самиот директен судир меѓу вооружените сили на Русија и НАТО, кој сите не само што сакаат да го избегнат, туку рекоа дека никогаш не треба да се случи во принцип.- Сергеј Лавров – Министер за надворешни работи на Русија.

Предупредувањето на Лавров доаѓа неполни 24 часа од изјавата на портпаролот на Кремљ Дмитри Песков кој кажа дека Русија би употребила нуклеарно оружје доколку се соочи со егзистенцијална закана. Тоа пак наиде на експресен одговор од Пентагон од каде порачаа дека ваквиот став е опасен.

-Имаме концепт за домашна безбедност, тој е јавен и можете да ги прочитате сите причини за употреба на нуклеарни оружја. Значи ако има егзистенцијална закана кон нашата земја, тогаш може да се употреби во согласност со нашиот концепт.-Дмитриј Песков – Портпарол на Кремљ.

-Овој вид реторика за потенцијално користење нуклеарно оружје или промена на нуклеарниот став е опасен. Тоа не е начинот на кој треба да дејствува одговорна нуклеарна сила.- Џон Кирби – Портпарол на Пентагон.

Во меѓувреме, борбите продолжуваат во околината на Киев, а украинските сили тврдат дека преминале во контра офанзива. Најжестоко сепак останува во Мариупол каде руските сили полека, но сигурно напредуваат кон центарот на градот

Во градот се уште има околу 100 илјади луѓе кои се без храна, вода и лекови. И покрај најавите дека се отворени хуманитарни коридори, украинскиот Претседател Зеленски повторно обвини дека Русија не го почитува договореното. Сепак, најави дека ќе продолжи да бара решение со Кремљ за прекин на огнот.

-Ќе продолжиме на сите нивоа да ја притискаме Русија за мир до крајот на оваа жестока војна. Украинските претставници работат на преговорите кои се одвиваат виртруелно на дневно ниво. Тие се одвиваат многу тешко, на моменти скандалозно. Но, чекор по чекор се движиме напред.-Володимир Зеленски – Претседател на Украина.

Ситуацијата во Украина ќе биде тема и на вонредниот НАТО самит на шефови на држави и Влади каде според најавите ќе присуствува и американскиот претседател Бајден. До сега од војната околу 4 милиони бегалци ја напуштија Украина, а проценките се дека има уште толку внатрешно раселени низ целата држава.