Русија нареди прекин на огнот за евакуација, но само во Русија и Белорусија

3

Руската војска соопшти дека утрово наредила прекин на огнот за да се овозможи евакуација на цивили од украинскиот главен град Киев, како и од градовите Мариупол, Харков и Суми, откако обидите за евакуација на цивили од Мариупол не успеаја претходниот ден.

Но, рутите за евакуација што ги објави новинската агенција РИА Новости, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана, покажуваат дека на луѓето ќе им биде дозволено да заминат само во Русија и Белорусија.

Украина го нарече потегот „целосно неморален“, а портпаролот на претседателот Володимир Зеленски рече дека на украинските граѓани треба да им се дозволи да ги напуштат своите домови преку украинска територија.

„Ова е целосно неморална приказна. Страдањето на луѓето се користи за да се создаде посакуваната телевизиска слика. Тоа се граѓани на Украина, тие треба да имаат право да се евакуираат на територијата на Украина“, рече портпаролот во писмената изјава до медиумите, обвинувајќи ја Русија дека намерно ги попречувала претходните обиди за евакуација.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека работна група ќе ја следи евакуацијата со беспилотни летала. Засега не е јасно колку долго ќе трае прекинот на огнот. Претходните договори за прекин на огнот не им дозволија на цивилите да избегаат.