Русија ќе му обезбеди доживотен имунитет на Путин од криминални истраги

7

Долниот дом на рускиот парламент (Дума) поддржа закон со кој на руските претседатели им се обезбедува имунитет од криминални истраги откако ќе заминат од функцијата. Истото ќе важи и за нивните семејства.

Ова е еден од уставните амандмани што беше поддржан на референдумот во јули, на кој исто така му беа одобрени уште два мандата на Владимир Путин откако ќе му истече сегашниот во 2024 година. Путин сега има 68 години и во Русија не се наѕира негов наследник.

Законот ќе има уште две читања во Дума, по што оди во Федералниот совет, односно горен дом на парламентот. Приврзаниците на Путин имаат мнозинство во двата дома.

Според предложениот закон, Путин и неговото семејство ќе имаат доживотен имунитет од каква било полициска истрага или испрашување, а нема да може ни да им се конфискува имотот.

Покрај Путин, единствениот жив бивш претседател на Русија е Дмитри Медведев. Законот нема да се однесува на Михаил Горбачов, зашто тој не бил руски претседател.