Рускиот гигант „Газпром“ ја прекина испораката на гас за Холандија

6

Руската компанија „Газпром“ од денеска ја прекинува испораката на гас во холандската „Гас тера“, откако компанијата одби да се согласи на барањата на Москва за плаќање во рубли, јави Ројтерс.

„Гас тера“, која купува и тргува со гас во име на холандската влада, објави дека склучила договор на друго место за два милијарди кубни метри гас, што требаше да ги добие од „Газпром“ до октомври.

„Ја разбираме одлуката на ‘Гас тера’ да не се согласи со еднострано наметнатите услови за плаќање на ‘Газпром’“,

напиша холандскиот министер за енергетика Роб Јетен на Твитер и додаде дека одлука нема да има никакви последици за физичката испорака на гас за холандските домаќинства.
Во соопштението на „Гас тера“ се вели дека холандската компанија одлучила да не ги прифати условите што го бараше Русија кои, меѓу другото, вклучуваат и отворање сметки за плаќање во евра, кои потоа ќе се заменат за рубли. Компанијата рече дека таквите мерки би можеле да ги прекршат санкциите на Европската Унија додавајќи дека рутата на плаќање носи многу финансиски и оперативни ризици.

Во соопштението на рускиот гигант „Газпром“, пак, се вели дека прекинот на испораките на гас за холандската компанија „Гас тера“ ќе продолжи сè додека плаќањата не се извршат согласно барањата од Русија.