САД денеска ја почнаа третата фаза од клиничките испитувања на вакцината против ковид 19

20

Најголемото тестирање на експериментална вакцина против ковид-19 досега почна вчера во САД и во него ќе учествуваат 30.000 доброволци. „Модерна“ и Националниот институт за здравство на САД, кои заедно ја развиваат оваа вакцина, очекуваат таа да биде одобрена и да почне да се користи до крајот на годината.

„Возбудена сум што сум дел од вакво нешто. Ова е огромно“, изјави 36-годишната медицинска сестра Мелиса Хартинг откако ја прими вакцината.

И компанијата „Фицер“ објави дека почнала свое сопствено истражување за потенцијална вакцина против ковид-19, кое исто така ќе опфати 30.000 луѓе.

„Модерна“, која никогаш досега не исфрлила вакцина на пазар, доби помош од американската влада од една милијарда долари.

„Работиме брзо затоа што секој ден е важен“, изјави извршната директорка на „Модерна“, Стефани Бенсл.

Ентони Фаучи, водечкиот американски експерт за заразни болести, вели дека резултатите од тестирањето нема да бидат познати пред ноември или декември.

„Не очекувајте вакцина која ќе биде силна како онаа против мали сипаници, која спречува 97% од инфекциите. Ќе бидеме среќни ако вакцината против ковид-19 биде 60% ефективна“, кажа Фаучи.