САД: Порота одлучува за обвинение против Трамп

6

Окружниот обвинител на Менхетн свика голема порота која би требало да одлучи дали ќе поднесе обвинение против поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, јавува Вашингтон пост.

Поротата ќе ги разгледа доказите собрани за време на истрагата за работењето на Трамп и наводното давање мито на жени во негово име, пренесува Би-би-си.

Трамп негираше дека извршил каков било криминал, тврдејќи дека станува збор за „политички лов на вештерки“.

Одлуката на окружниот обвинител Сајрус Венс да свика голема порота укажува на тоа дека тој има докази дека Трамп или некој близок до него, или негова компанија, извршиле кривично дело.

Портпаролот на Венс, Дени Фрост, одби да ги коментира тврдењата на Вашингтон пост.

Канцеларијата на државниот обвинител на Њујорк соопшти пред една недела дека отворила истрага за компанија на Трамп.

Државната обвинителка Летиша Џејмс истражува дали организација на Трамп лажно пријавила вредност на имот за да обезбеди заеми и да добие економски и даночни олеснувања.