САД ќе го добијат првиот министер кој јавно се декларира како хомосексуалец

28

Новоизбраните претседател и потпретседателка на САД, Џо Бајден и Камaла Харис, ќе направат уште еден историски чекор со тоа што првпат во американската администрација на министерска позиција ќе постават човек кој јавно се декларира како хомосексуалец.

Тимот на Бајден и Харис објави дека ќе го номинира Пит Бутиџич за министер за транспорт. Тој е поранешен градоначалник на Саут Бенд, Индијана, и беше еден од противкандидатите на Бајден и Харис во внатрепартиската трка на демократите за номинацијата за претседателски кандидат. Бутиџич беше победник на првата претседателска дебата меѓу демократите, но потоа неговото водство падна, а откако се повлече од трката, јавно ја даде својата поддршка за Бајден.

Како што соопштија од тимот за транзиција на власта, Саут Бенд од град на кој му се закануваше изумирање, денес е центар на иновациите и место каде што има тренд на отворање нови работи места, а Бутиџич е предводник на „воскреснувањето“ на градот.

Изборот на поранешниот градоначалник на Саут Бенд за министер за транспорт е последниот од низата историски чекори на новоизбраниот американски претседател. Тој неодамна ја објави номинацијата на пензионираниот генерал на армијата Лојд Џен Остин за министер за одбрана, со што тој ќе биде првиот Афроамериканец на чело на Пентагон.

Првпат САД ќе имаат и жена за министерка за финансии. На таа позиција е номинирана Џенет Јелен, поранешна претседателка на Управниот одбор на Федералните резерви. Првпат жена ќе застане и на чело на американското национално разузнавање, позиција на која е номинирана Аврил Хеинс.

Тимот за комуникации во Белата куќа на идните претседател и потпретседател, исто така, првпат ќе биде составен само од жени.

Бајден го номинираше и Алехандро Мајоркас, поранешен заменик-министер во Министерството за внатрешна безбедност, сега да биде министер за внатрешна безбедност. Мајоркас, родум од Куба, ќе биде прв Латиноамериканец на оваа позиција.

Првиот чекор со кој новоизбраниот претседател испиша историја е и тоа што ја избра Камала Харис да влезе во изборната трка со него како кандидатка за потпретседателка. Со нивната победа на изборите, Харис влезе во историјата како првата жена Афроамериканка и првата личност од азиско потекло што ќе биде потпретседателка на САД.

Претходно, и Харис беше кандидатка за претседателка од редовите на демократите, но се повлече и исто како и Бутиџич му даде поддршка на Бајден.