Сали: Во клиниката Жан Митрев за три години биле извршени три редовни и девет вонредни инспекцски надзори

0

Министерот за здравство Беким Сали денес на прес-конференцијата околу случајот со Клиничката болница Жан Митрев информираше дека во болницата биле извршени три редовни и шест вонредни инспекциски надзори.

Во моментов се одвива, рече тој, работен состанок со Малмед и претставници од клиниката Жан Митрев околу тврдењата за клинички испитувања врз пациенти и дали тие се вршени согласно важечки прописи.

Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Иринка Сотирова – Бухова појасни дека трите од инспекциските надзори биле редовни а шесте биле вонредни.

„За овие девет во болницата Жан Митрев, пет се сомнеж за лекување вон протокол. Тоа се за пациенти кои се починати во оваа болница. Во однос на другите надзори еден е од октомври 2020 година тоа е за пациентка која е оперирана од кардиохируршка интервенција, испишана на домашно лекување и после неколку дена примена на Клиника за кардиологија каде е изолирана бактерија, по што Клиниката за кардиологија го пријави случајот кај нас. направен е вонреден инспекциски надзор и побаран е и стручен надзор. Другиот надзор беше за пациентка која е по грешка ставена во список на починати лица во оваа болница. Паралелно во овој надзор беше опфатено и барањето на епидемиолозите од Институт за јавно здравје дека од споменатата болница немаат редовно пријавување на заразни болести, бактерии и починати лица. При вонредниот инспекциски надзор ДСЗИ констатираше одредени недостатоци како што е динамика на пријавување на заразни болести и пријавување на бактерии и констатиран е пропуст во начинот на водење евиденција на лица со заразни болести. Беше издадено решение и при направената контрола по решение пропустите беа отстранети“, рече Бухова.

Другиот надзор бил заради недостигот на кадар кој е опишан во дозволата на болницата, ДСЗИ по пријава издал забрана за функционирање на педијатриската ординација на примарно ниво, и невролошката и отороноларигологија во секундарна здравствена заштита се до моментот додека не се обезбеди кадарот, дополни директорката на Инспекторатот.

Околу наодите за актуелните состојби кои ги изнесе ИРЛ во ТВ документарецот, министерот Беким Сали одговори дека се испитуваат и дека не може да се очекуваат финални резултати за 48 часа. „Спремноста за соработка со ОЈО е голема, соработуваме со сите органи кои ќе побараат со нас соработка“.

Во врска со користењето хемофилтрација како метода за лекување на ковид за која семејство на починат пациент во клиниката Жан Митрев тврди дека хемофилтрацијата е причината, а новинарскиот документарец вели дека кардиохирургот Митрев дополнително вршел и непријавени клинички испитување над пациенти за ефикасноста на лекот, министерот Сали одговори дека во ниту една држава во светот немало листа на лекови против ковид, бидејќи болеста е нова и не можеше да се лекува според медицина базирана на докази.

„Но доколку се открие дека во болницата се вршени клинички испитувања без потребната документација, ние тоа ќе го објавиме и ќе бидат преземени мерки“, изјави министерот.

Казната за тоа, како што донава НоваТВ изнесува и до 50.000 евра. За дилемата што во документарецот ја изнесе директорката на Инфективната клиника, дека на оваа клиника ковид пациентите не биле лекувани со хемофилтрација, министерот рече дека тоа само значи дека оваа метода не е применувана таму а не и дека е штетна, и дека такви методи користат лекарите во зависност од нивната стручност, иновативност и вештини.