Сари ќе игра со младинскиот тим на Јувентус против Рома

14

Јувентус синоќа загуби на гостувањето кај Калјари на првиот натпревар откако ја обезбеди деветата шампионска титула по ред во Серија А.

„Бјанконерите“ имаат обврски во Лигата на шампиони следната недела, па тренерот Маурицио Сари најави дека во последното коло од Серија А против Рома овој викенд ќе настапи со младинскиот тим.

„Дојдовме на овој натпревар само 68 часа откако ја прославивме титулата. Ние сме единствениот тим во Европа што одигра пет натпревари за 12 дена, лигата ни направи огромни проблеми. Да видиме како ќе се чувствуваме утре и ако е возможно да играме со тимот до 23 години во сабота против Рома“, истакна тренерот на Јувентус.

Италијанскиот шампион на 7 август ќе игра против Лион во Торино во реванш осминафиналниот натпревар од Лигата на шампиони и ќе брка негатива од 1-0.