Сведочење на полицаец: Проверив 78 луѓе од Избирачкиот список, ниту еден не беше на пријавената 

3

Полицаецот Агрон Кранлиевски од Ресен во предметот „Титаник“ на СЈО сведочеше дека во 2012 година правел проверки на живеалишта на лица на неколку адреси во градот и утврдил дека лицата ги нема на адресите.

„Проверките ги вршев на наведените адреси. Во 2012 година извршив проверка кај Љупчо Поп Гошев на 40 до 45 лица на улицата Мите Богоевски. Кај Љупчо, од сите 45 луѓе, ниеден не беше пронајден“, сведочеше полицаецот. Тој рече дека вакви проверки правел и на други локации: „Кај Сандре Темелковски имаше 25-30 луѓе…“

Сведокот рече дека му било наредено да извршат дополнителни проверки, но и тогаш не биле пронајдени.

„78 луѓе од тие што ги имав за проверка не беа на адресите, а беа во Избирачкиот список“, рече полицаецот. Кранлиевски рече и дека секојдневно по 50-60 луѓе, кои не биле од Македонија, чекале пред полициската станица и дека добил наредба да ги извадат на паркингот за да не прават метеж.

„Во разговор истите тие лица рекоа дека нема да излезат надвор и дека се пуштени со нивните пасоши по наредба на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко“, се присети полицаецот.

Првото судење за „Титаник“ се одржа на 2 април 2018 година.

Во предметот „Титаник“ на СЈО, кој е во доказна постапка, покрај експремиерот Никола Груевски, за серија кривични дела поврзани со изборен криминал обвинети се ексзаменичката за правда, Билјана Бришкоска-Бошковски, ексшефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, пратеникот Илија Димовски.

Oбвинети се и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, ексградоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, двајца од Агенцијата за разузнавање: Киро Тодоровски и Мунир Пепиќ, како и уште 11 други обвинети, вработени и членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски и Леко Ристовски ќе треба солидарно да ѝ вратат на државата 2,2 милиона евра доколку Кривичниот суд ги осуди за виновни во предметот „Титаник“.