СДСМ ги најави приоритетите на идната влада, а ВМРО-ДПМНЕ ги бара изборните ветувања што ги нема(ло) во програмата на мандатарот

8

Од опозицијата реагираат дека Заев пред изборите ветувал 100 илјади нови работни места, повисоки плати во здравството и во образованието, за што во владината програма, како што забележуваат, нема ниту збор
Македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна Влада која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети, како членство во НАТО и во Европската унија, добри меѓусоседски и меѓуетнички односи, внатрешна кохезија, справување со светската пандемија на коронавирусот и нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции…

Ова се приоритетите на идната влада на Зоран Заев, што СДСМ ги најави претпладнево, пред почетокот на собраниската седница на која ќе се расправа за составот и програмата за работа на новиот владин кабинет.

„Програмата за работа на Владата во целост ја отсликува посветеноста на сите политички партии кои се дел од коалицијата за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, темелно прочистување на правосудството и проверка на потеклото на имот и пари на сите функционери“, соопштија од СДСМ.
Како што се наведува потоа, сите коалициони партнери се согласни посветено да продолжат на реализацијата на Договорите со Грција и Бугарија, кои донесоа влез во НАТО и одлука за почеток на преговорите со ЕУ, како и на Охридскиот рамковен договор кој е темелот на заедничкото живеење во мир.

„Имајќи го предвид периодот во кој се наоѓаме и состојбата со ковид-19, новата Влада ќе се посвети на сериозни инвестиции во јавното здравство за да имаме уште повеќе подготвени капацитети и мотивиран кадар кои ќе се борат против коронавирусот. Како еден од столбовите е и борбата против загадувањето и решавањето на овој децениски проблем преку суштински политики и инклузивен процес на мобилизација на сите расположливи капацитети. Ова се принципите и вредностите од кои ќе се води новата Влада, кои ќе ги спроведуваат одговорни, професионални и отчетни кадри, со конкретна мисија и цели, кои ќе имаат задача да работат исклучително и исклучиво за граѓаните и исклучиво на европската трансформација на земјата“, се нагласува во соопштението на владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираат дека Заев пред изборите ветувал 100 илјади нови работни места, повисоки плати во здравството и образованието, за што во владината програма, како што забележуваат од опозициската партија, нема ниту збор.

„Зоран Заев повторно предизборно ги изманипулира граѓаните. Ветуваше многу, а во програмата на Влада нема ништо од тоа. Заев ветуваше намалување на невработеноста на 8%, а сега во програмата нема конкретна бројка, туку констатација дека ќе работат за помала невработеност. Заев знае дека не може да ја намали невработеноста на 8% и затоа тоа не го ставил во програма.Зоран Заев ветуваше плата од 36.000 денари, сега во програма нема ниту збор за тоа. СДСМ ветуваше многу, а сега ретерира“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат и дека владејачката партија го гуши приватниот сектор.

„Во програмата на Владата предлагаат соодветна правична застапеност во приватниот сектор. Ова е одлука на диктатура и спротивно на начелата на демократското општество“, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.