СДСМ и ДУИ имале конструктивна дискусија: Квалитетни и одговорни кадри во новата влада

24

СДСМ и ДУИ, чии лидери, високи функционери и работни групи деновиве интензивно преговараат, ги договориле начелните програмски определби и цели на евентуалната нова заедничка влада, соопштија од двете партии, посочувајќи дека имале конструктивна дискусија за потврда на заложбите за мир, стабилност, безбедност и соработка во земјата и регионот, здрави меѓуетнички и соседски односи, економски развој, правна држава, чиста животна средина и општествена благосостојба.

„Разговаравме за парламентарно мнозинство и за коалиција за полн, четиригодишен, стабилен мандат. Потврдивме дека немаме друга алтернатива за интеграција, освен членството во НАТО и во Европската Унија. Посветени сме за просперитет и долгорочна стабилност на Македонија. Целосно сме согласни за почитување на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротивставиме на сите форми на национализам и омраза. Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ“, стои во заедничкото соопштение.

Од двете партии додаваат дека неопходни квалитетни, одговорни и отчетни кадри предложени за сите ресори од двете страни, кои, како што велат, се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципите на евентуалниот коалициски договор.

fokus.mk