СДСМ: Собранието одлучува за иднината на НАТО, сите пратеници да гласаат ЗА ратификација

0

Денеска во Собранието на дневен ред се точките за ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор во врска со пристапувањето на Финска и Кралството Шведска во НАТО.

Ова е голем ден за македонското Собрание кое ја има честа и одговорноста да одлучува за иднината на најголемиот и најмоќниот воено безбедносен сојуз во светот.

Агресијата врз Украина која трае повеќе од шест месеци покажа зошто е важно една мала европска држава како С.Македонија да биде дел од НАТО Алијансата.

Со членството во НАТО, денес, нашата безбедност, нашиот територијален интегритет и неповредливост на границите се осигурани и трајно обезбедени.

Членството во НАТО ни обезбеди рамноправност со сите други 29 земји членки, нашиот глас денес е еднаков со сите земји членки.

Ако до пред само две-три години бевме надвор и чекавме што ќе се одлучи за нас, сега сме на главната маса каде се носат одлуките, а една Шведска и Финска имаат можност да станат членки на НАТО преку денешната ратификација на Протоколите, која ќе се случи овде во македонското Собрание.

Тоа е потврда колку е важен и голем успехот што го постигнавме со полноправното членство во НАТО.

Во меѓувреме, ќе остане запаметено дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа против Преспанскиот договор, а Мицкоски не смогна сили ниту да аплаудира во ова македонско собрание при стекнување на полноправно членство.

Историјата потврди дека и тогаш беа на спротивната страна од интересот на државата, а исто и денес, кога со сите сили се против членство во ЕУ со гарантиран македонски јазик и идентитет.

Почитувани,

Пратеничката група на СДСМ и парламентарното мнозинство ќе дадат поддршка и ќе гласаат ЗА ратификацијата на протоколите.

Затоа што знаеме колку е важно членството во НАТО и колку е важно приклучувањето да се одвива што е можно побрзо.

Ги повикуваме сите пратеници од сите политички партии да дадат поддршка и Протоколите да бидат ратификувани и со тоа Шведска и Финска да бидат чекор поблизу до полноправно членство во НАТО.

Прес-конференција, Миле Талески, пратеник на СДСМ