Сеад Кочан не се сеќава дека плаќал за ВМРО-ДПМНЕ

48

Осудениот бизнисмен Сеад Кочан сопственик на фирмата „Трансмет“ денеска сведочеше во процесот на обвинителството познат како „Титаник“. Кочан утринава стражарно беше спроведен од затворот „Идризово“, каде што издржува затворска казна од 4,8 години затвор за да сведочи за случајот „Титаник“.

Според обвинителниот акт „Тансмет“ учествувала во плаќањето на опремата и рекламниот материјал на ВМРО-ДПМНЕ во изборната кампања за 2011 година.

– Во 2011 година бев управител на фирмата „Трансмет“. Оваа компанија не беше донатор на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Не се сеќавам, но мислам дека јас лично не сум донирал за ниту една партија – рече Кочан.

Сведокот Здравко Кочишки вработен во фирмата ДВД5 пред судскиот совет рече дека неговата фирма се занимава со изнајмување на опрема за настани, концерти и приеми.

– Колку што се сеќавам изнајмувавме помал дел од опремата за ВМРО-ДПМНЕ, а поголем дел за СДСМ. Во нашата фирма годишно правиме од 150 до 170 фактури. Во фирмата има 20 вработени, а кога има поголеми настани ангажираме и хонорарци – рече Здравко Кочишки.

Рече дека точно не се како му било платено од страна на ВМРО-ДПМНЕ за изнајмената опрема во 2011 година бифејќи не сеќава и минало многу време.

– Според анализите кој ги направивме во фирмата немам дадено фактура во ВМРО-ДПМНЕ. Фактурирав таму каде што Логин Кочишки ми даде инструкции. Јад не сум ги фактурирал, туку претпоставувам дека сум се јавил на телефон за која фирма да направат фактура за да ни плати. При проверка на нашата документација увидовме дека сме фактурирале на „Трансмет“ – изјави сведокот.

Во случајот „Титаник“, за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања обвинети се Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Билјана Бришкоска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.